
Викендов Битола беше домаќин на вистински спортски празник, откако по 14-ти пат се одржа меѓународниот Велигденски кошаркарски турнир во организација на кошаркарскиот клуб „Младост“ Битола, со поддршка од Општина Битола.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека турнирот низ годините прераснал во препознатлив симбол на градот и на македонската кошарка, потенцирајќи дека од неговото започнување во 2010 година, на него учествувале десетици екипи и над илјада млади спортисти од повеќе европски земји.
Годинава турнирот беше еден од најмасовните досега, со околу 400 учесници – млади кошаркари и кошаркарки од Македонија и Грција. Настапија седум екипи во повеќе возрасни категории, од деца родени во периодот од 2014 до 2017 година, како и најмладите учесници во ревијалниот дел, родени од 2018 до 2021 година.
На турнирот учествуваа клубови од Битола, Прилеп, Кавадарци, Охрид, како и екипи од соседна Грција, што му даде дополнителна меѓународна димензија на настанот.
Коњановски упати честитки до младите спортисти и организаторите, нагласувајќи дека ваквите настани се доказ за потенцијалот и енергијата на младите генерации.
„Нема поголема радост од тоа да се гледа младоста и иднината околу нас. Ви посакувам многу успеси и медали, а ние како општина ќе продолжиме да инвестираме во подобрување на условите за спорт“, порача тој.
Тој додаде дека локалната самоуправа активно работи на обновување на спортската инфраструктура, вклучително и терените во училиштата, со цел да им обезбеди на младите што подобри услови за развој и напредок.
Организаторите од КК „Младост“ изразија благодарност до Општина Битола за континуираната поддршка, нагласувајќи дека токму таа е клучна за одржување и развој на турнирот кој веќе 14 години ги обединува младите спортисти.























