Универзалната сала во Прилеп ќе биде реконструирана, соопшти министерот за спорт Борко Ристовски, кој истакна дека иако салата не е под надлежност на Министерството за спорт, ја презема обврската да ја спои заинтересираната локална компанија и другите страни за реализација на проектот.
„Веќе денес имам состанок со компанијата која сака да ја реконструира и да стопанисува со салата, а истовремено да придонесе и финансиски за долгот кон ПУИК. Ја прифаќам одговорноста, во името на спортот, да ги спојам сите заинтересирани страни, зашто Прилеп долги години е без спортска сала“, изјави Ристовски.
Министерот објасни дека минатата година најавил пуштање на салата, но по проверка со инженери било утврдено дека објектот е небезбеден. „Ветив, ама при посетата со инженери видовме дека салата ваква е небезбедна и нема шанса да добиеме дозвола за користење. Потребна е комплетна нова статика, изолирање на небезбедниот дел од трибините и отстранување на оштетените делови од ѕидовите. Сето тоа би го направил приватен инвеститор“, рече Ристовски.
Во рамки на денешната посета на населбата „Точила“, министерот ги отвори и реконструираните спортски игралишта, потенцирајќи дека вакви проекти се дел од заложбата за младите низ целата земја. „Имаме преку 30 вакви реконструкции низ Македонија, што е особено задоволство, бидејќи им даваме можност на децата и младите генерации да спортуваат и да рекреираат“, додаде Ристовски.
Реконструкцијата на Универзалната сала е најавена како клучен проект за спортската инфраструктура во Прилеп и ќе овозможи безбедни услови за различни спортски активности.























