Милосим Војнески, независниот кандидат за градоначалник на Македонски Брод, денеска објави дека се повлекува од вториот круг на изборите, во кој се натпреваруваше со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Жарко Ристоски. Војнески во првиот круг освои 705 гласови, за само три повеќе од Ивица Стојкоски од СДСМ, и го зазеде второто место.
„По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура. Ги разбирам сите оние кои, поради различни причини, ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата, и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми. ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија — партија на која и го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па се до денес. Сметам дека најдобрата одлука, во интерес на моите сограѓани, е да се повлечам од оваа изборна трка“, напиша Војнески на својот Фејсбук профил.
Војнески претходно ја вршеше функцијата градоначалник на Македонски Брод како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ до 2017 година. Тој беше обвинет заедно со пратеникот Антонио Милошоски во случајот „Моќник“ на СЈО за злоупотреба при продажба на објект во селото Ижиште. Случајот застаре по контроверзните измени на Кривичниот законик во 2023 година, кои го намалија рокот за издржување казни за „Злоупотреба на службената положба“, а застаре и процесот за делото измама.
Поради тоа Војнески имаше право да се кандидира, а откако ВМРО-ДПМНЕ не го номинираше, реши да се пријави како независен. Изборниот законик не дозволува повлекување на кандидатот по објавување на листата, па неговото име ќе остане на гласачкото ливче, а победник ќе биде кандидатот со најмногу освоени гласови.