
На Одделението за гинекологија и акушерство при Општа болница Охрид успешно се изведени првите хистероскопски интервенции со употреба на нов, најсовремен хистероскопски апарат, што претставува значаен исчекор за локалното и регионалното здравство.
Станува збор за минимално инвазивна дијагностичко-терапевтска процедура, која за првпат се изведува во Охрид и во регионот. Со оваа технологија се овозможува попрецизна дијагностика и третман на одредени гинеколошки состојби, со помал ризик, пократок престој во болница и побрзо закрепнување на пациентките.
Медицинскиот тим истакнува дека воведувањето на хистероскопијата значително го подобрува квалитетот на здравствените услуги, ја зголемува безбедноста на интервенциите и овозможува современи стандарди на лекување, споредливи со оние во најдобрите европски здравствени центри.
Од болницата нагласуваат дека оваа инвестиција е дел од континуираните напори за модернизација на опремата и унапредување на услугите, со цел пациентките од Охрид и поширокиот регион да добијат врвна здравствена грижа без потреба од упатување во други градови.



























