
Владимир Ѓорчески-Ципа, Поп Диме Саров и Сане Ристов-Гуле се дел од имињата на истакнати Македонци кои се најдоа во третата листа на предлози за именување на улици во Тетово.
Листата е подготвена од општинската Работна група, а на неа се наоѓаат македонски дејци и личности кои оставиле белег во различни области, како и учесници во историски настани.
Меѓу предложените имиња е Поп Диме Саров, православен свештеник од Тетово и член на тетовската организација на ВМРО, кој бил ангажиран во курирска работа.
На листата е и Владимир Ѓорчески-Ципа, истакнат спортски работник и одбојкар, кој бил репрезентативец на македонската одбојкарска репрезентација.
Сане Ристов-Гуле бил член на ВМРО и еден од организаторите на тајни канали за пренесување оружје.
Меѓу предлозите се и Младен Мишевски, учесник во Илинденското востание и војвода на тетовска чета која учествувала во одбраната на населението во Полог по Илинденското востание, како и Ристо Костов-Сичан, кој се истакнувал во производството и дистрибуцијата на тетовските „мартинки“.
На листата се наоѓа и Трпе Костов-Алтиколач, кој учествувал во активности поврзани со производство и дистрибуција на оружје.
Предложено е и името на Глигор Михајлов, истакнат тетовски илинденец и член на ВМРО.
Меѓу останатите имиња се Блаже Симоновски од Брезно, учесник во Илинденското востание во четите на повеќе војводи, меѓу кои и Даме Груев, како и Иљо Кикиш од Тетово, учесник во Илинденското востание.
На листата се и Коце Дафинковски од Тетово, кој учествувал во Илинденското востание во четата на Христо Чернопеев, и Пано Иљов Чадија од Тетово, илинденец кој загинал во битките за Крушево.
Станува збор за третата листа со предлози што ја утврдува Работната група, а имињата треба да бидат дел од постапката за именување на улици во Тетово.















