УТРО.мк

Изгоре багер на градилиштето на стадионот на Шкендија: Беќири и ВЛЕН се сомневаат во саботажа

Изгоре багер на градилиштето на стадионот на Шкендија: Беќири и ВЛЕН се сомневаат во саботажа
Vero

Багер што се користел за изградба на стадионот на „Шкендија“ во Арачиново изгорел во пожар што бил пријавен рано утрово, околу 2:36 часот.

Во инцидентот нема повредени лица, а пожарот бил изгаснат од екипите на Противпожарната бригада на Скопје.

Градоначалникот на Арачиново, Даут Беќири, оцени дека пожарот претставува обид да се попречи реализацијата на проектот за изградба на стадионот, чиј камен-темелник беше поставен минатиот петок.

Беќири преку објава на социјалните мрежи побара случајот што поскоро да биде целосно расчистен и одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата.

Тој порача дека инцидентот нема да ја запре изградбата и дека работите на стадионот ќе продолжат.

„Стадионот ќе се изгради. Нема да отстапиме пред притисоци, закани или обиди за попречување на проектот“, порача Беќири.

За случајот реагираше и ВЛЕН, од каде што оценија дека пожарот е обид да се нападне проект кој, според нив, го симболизира развојот, инвестициите и подобрата иднина за Арачиново.

Од партијата порачаа дека развојот, како што наведуваат, не може да биде запрен со „оган, вандализам или закани“.

ВЛЕН истакна дека стадионот не е само градежен проект, туку и инвестиција во инфраструктурата и можностите за младите во Арачиново.

„Арачиново избра да оди напред, а стадионот на Шкендија ќе биде изграден“, се наведува во соопштението.

Засега нема официјална потврда од надлежните институции дека пожарот бил подметнат или дека станува збор за политички мотивирана саботажа. Случајот треба да биде предмет на истрага за да се утврдат причините за пожарот.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран