
Голем шумски пожар избувна попладнево во велешката месност Дорутовец, во близина на бензинската станица на „Макпетрол“, пред самиот влез во Велес.
Поради силниот ветер и опасноста огнот брзо да се прошири, надлежните активираа дополнителни сили за гаснење. Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, нареди итно ангажирање на два противпожарни авиони „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
На терен интервенираат пожарникари од Територијалната противпожарна единица Велес со две возила и шестмина пожарникари. Во гаснењето помагаат и жители од селото Чалошево, како и екипа со цистерна од ЈП „Дервен“.
По воздушната интервенција опасноста од понатамошно ширење е намалена, но пожарот продолжува да се движи во правец на патот Велес – Штип. Дополнителен проблем создава густиот чад кој, поради ветерот, се шири кон автопатот.
Од Главниот штаб за управување со кризи побарана е поддршка од Министерството за внатрешни работи доколку биде потребно регулирање на сообраќајот поради намалена видливост.
Надлежните апелираат до возачите да бидат внимателни при движење во овој регион, а граѓаните да не се приближуваат до местото на пожарот и да ги почитуваат насоките на службите.
Според последните информации од Дирекцијата за заштита и спасување, во текот на денот низ државата биле регистрирани девет пожари на отворен простор. Четири се уште се активни, пет се изгаснати, а поради високите температури и силниот ветер опасноста од нови ширења останува висока.

















