Растителна маса, алги во распаѓање и остатоци од фекално потекло повторно го загадуваат велешкото езеро „Младост“. Фотографии направени во делот кај Отовичка река сведочат за сериозноста на состојбата, која според локалните риболовци, може да ескалира доколку временските услови се променат.
Северниот ветер засега ја одржува ситуацијата под контрола, но претседателот на здружението на спортски риболовци „Бабуна“, Даниел Наумовски, предупредува дека со доаѓање на јужен ветар и високи температури, можно е повторување на еколошката катастрофа од минатото лето.
Иако на терен се поставени 10 аератори со цел подобрување на квалитетот на водата, тие сè уште не се ставени во функција. Причина за тоа се недостигот на потребни дозволи и сертификати, како и финансиски средства за целосна инсталација.
Според информации на Дума.мк, за аераторите да бидат активирани, потребни се уште околу еден милион денари, односно приближно 15.000 евра. Се прават напори овие средства да бидат обезбедени, за уредите конечно да се пуштат во работа и да придонесат за подобрување на еколошката состојба на езерото.
Локалната заедница и еколошките здруженија апелираат до институциите итно да реагираат, со цел да се спречи нова еколошка катастрофа на ова популарно излетничко место.