
Стабилното, суво и топло време во Македонија ќе се задржи до сабота, по што следува промена на временската состојба.
Според метеорологот Славчо Попоски, од недела, 20 септември, земјава постепено ќе биде под влијание на циклонска активност, што ќе донесе локална нестабилност, пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Позначителна промена се очекува во понеделник, кога во попладневните и вечерните часови се прогнозираат пообилни врнежи, локално проследени со грмежи и засилен ветер. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе започне да дува и засилен северен ветер, кој локално и повремено може да достигнува брзина од 50 до 60 километри на час.
Ваквата временска состојба ќе биде најава за продор на значително поладен воздух од север. Тој се очекува да пристигне во вторник, 22 септември, кога температурите ќе забележат поголем пад.
Според најавите, следува осетно заладување, а температурите ќе бидат под просекот за овој период од годината.
Попоски посочува дека во следните метеоролошки објави ќе има појасна слика за интензитетот и распространетоста на промената на времето.

















