
Општина Битола, во соработка со Центарот за култура и Културниот и информативен центар, организира голем Божиќен концерт на народни и црковни напеви под наслов „Свет, Свет, Свет“, со кој ќе се одбележи раѓањето Христово.
Концертот ќе се одржи на 8 јануари со почеток во 19:00 часот, во големата сала на Центарот за култура – Битола. На сцената ќе настапат истакнати инструменталисти и вокални изведувачи, кои преку традиционални и духовни божиќни напеви ќе ја пренесат празничната атмосфера и духовната длабочина на Божик.
Во инструменталниот состав ќе учествуваат Благојче Трајковски на кларинет, Никола Трајановски на виолина, Филип Михјлоски на канон, Гоце Ристески на лаута, Петар Христов на уд, Коста Стевановски на контрабас и Пеце Трајковски на перкусии.
Вокалниот дел ќе го изведуваат Горан Трајкоски, Ана Митоска, Тања Царовска и Петар Христов, чии интерпретации се очекува да донесат автентично доживување на божиќната традиција.



























