УТРО.мк

Бојан Бојковски избран за нов претседател на Советот на Општина Битола

Бојан Бојковски избран за нов претседател на Советот на Општина Битола
Vero

На конститутивната седница на Советот на Општина Битола, за нов претседател беше избран Бојан Бојковски од ВМРО-ДПМНЕ. Седницата ја водеше највозрасната советничка Јагода Талевска од Движењето ЗНАМ, а Бојковски беше единствениот предложен кандидат од советничкото мнозинство.

За неговиот избор гласаа 18 советници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ЗНАМ. Против гласаа 11 советници од СДСМ со коалицијата, Поинаку и Левица, додека двајца советници од ГРИН и ЛДП беа воздржани. Ова е втор мандат на Бојковски како член на Советот.

По изборот, Бојковски изјави дека должноста ја прифаќа со чувство на одговорност и најави дека Советот ќе работи „посветено, одговорно и искрено во интерес на сите битолчани“. Тој нагласи дека локалната самоуправа сега има јасна координација и поддршка од Владата, што, како што рече, овозможува реализација на инфраструктурни, образовни, спортски и јавни проекти.

Бојковски упати апел до градежните компании кои работат на општински проекти да ги почитуваат роковите и стандардите за квалитет, со предупредување дека доцнење и неквалитет ќе бидат санкционирани.

Тој истакна дека ќе се залага Советот да биде „отворен, транспарентен, модерен и дигитализиран“, како и дека нема да толерира лични навреди и политички пресметки во дискусиите. Работата на Советот продолжува со избор на комисиите.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран