
„Врати се, гласај, промени“ гласи пораката објавена на социјалните мрежи како повик до Албанците од странство да се вратат во Брвеница за претстојните вонредни локални избори. Ваквата мобилизација на гласачи од дијаспората не е непозната во изборните трки во етнички мешаните средини, каде што секој глас може да има големо влијание врз конечниот резултат. Сега слични повици се појавуваат и пред изборите за нов градоначалник на Брвеница.
На фотографијата објавена на албански јазик стојат пораките „Нашата општина, нашата иднина“, „Гласај за Брвеница“ и „Твојот глас има вредност“. Прикажани се авион, патници со куфери, гласачка кутија и авионски билети, со што пораката очигледно е насочена кон луѓето кои живеат надвор од земјата.
„Ако не можеш на 18 октомври, не пропуштај“, „На 1 ноември гласај!“ и „Резервирај го билетот навреме, поевтино!“, се дел од пораките на објавата.
Правото на секој граѓанин да гласа е неспорно, без разлика каде живее и на која етничка заедница ѝ припаѓа. Ниту повикувањето на иселениците да го искористат своето избирачко право само по себе е проблем.
Но, ваквите повици повторно го отвораат прашањето дали изборната трка во мултиетничка Брвеница ќе се води околу програмите и локалните проблеми или ќе се претвори во натпревар кој ќе успее да мобилизира повеќе гласачи од „својот“ етнички блок. Дали станува збор само за изолиран повик на еден поединец или ваквите пораки ќе станат дел од поширока мобилизација пред изборите, останува да се види. Иако до изборите има уште време, очигледно не е рано за повиците кои гласачите ги мобилизираат по етничка линија.
Предвремените избори следуваат по ненадејната смрт на досегашниот градоначалник Јовица Илиевски. Жителите на Брвеница сега треба да изберат нов човек кој ќе ја води општината. Токму затоа, наместо етничко пребројување, во фокусот на изборите би требало да бидат прашањата што ги засегаат сите жители, како патиштата, водоснабдувањето, училиштата, инфраструктурата и функционирањето на општината.

















