УТРО.мк

Заврши 16-тата Школа за млади лидери на поранешниот претседател Ѓорге Иванов

Заврши 16-тата Школа за млади лидери на поранешниот претседател Ѓорге Иванов
Vero

Со обраќањето на универзитетскиот професор и економист Jeffrey Sachs заврши 16-тата Школа за млади лидери, организирана од поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Во онлајн сесијата, Sachs го истакна значењето на младинското лидерство, глобалната соработка и одржливиот развој како клучни насоки за идните генерации. Учесниците имаа можност директно да поставуваат прашања и да разменуваат мислења, со што беше заокружен последниот ден од програмата.

Овогодинешната 16-та школа се одржа од 3 до 16 ноември 2025 година под мотото „Младинска агенда за одржлив свет“ и беше дел од глобалните напори за унапредување на Целите за одржлив развој на Обединетите нации. На програмата учествуваа млади лидери од Македонија, Австрија, Азербејџан, Кина, Египет, Гана, Јордан, Кенија, Пакистан, Руанда, Турција и САД, што ја потврдува меѓународната димензија на школата.

Програмата вклучуваше тематски блокови, предавања, работилници, интерактивни дискусии, менторски сесии и работа на проекти, а учесниците имаа можност да следат предавања од над дваесетина истакнати професори, експерти и лидери од земјата и странство. Меѓу нив беа поранешната претседателка на Унгарија Каталин Новак, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, Претседателот на Freedom House Герардо Бертин, Фелипе Паулиер од ОН и други.

Оваа година во школата беше воведена и менторска програма, предводена од првиот претседател на ИСЛАА, Даниел Ѓоќески, со која се поврзаа претходните генерации на алумнисти со новите учесници. Во улога на ментори учествуваа и Владимир Арсов, Весна Поповска, Јулија Витанова, Илија Вучков, Никола Николовски и други.

Реализацијата на школата беше поддржана од бројни домашни и странски компании и институции, меѓу кои ТИКА, Хотел „Инекс Олгица“ Охрид, Државната лотарија на Македонија, Алкалоид АД, EVN, Петрол Оил Компани, А1 Македонија и други.

Школата за млади лидери „Иванов“ е меѓународна платформа за развој на талентирани и ангажирани млади луѓе, започната во 2010 година, и досега ја поминале 625 млади лидери од земјата и странство, додека над 420 реномирани предавачи и експерти од Македонија и светот го споделиле своето знаење и искуство со учесниците.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран