
Товарниот сообраќај денеска ќе биде речиси целосно запрен на повеќе гранични премини во земјава, откако транспортните превозници најавија радикални мерки како одговор на воведувањето на новиот систем за евиденција на влез и излез во Европската Унија (ЕЕС). Блокадите ќе ги погодат клучните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, додека преминот Табановце–Прешево ќе биде затворен за товарен сообраќај од српска страна.
Протестот, кој ќе се одвива паралелно во Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, е најавен како седумдневна блокада на граничните премини што водат кон шенген-зоната. Причината е примената на правилото за престој од 90 дена во период од 180 дена, кое, според превозниците, е целосно несоодветно за професионалните возачи и директно ја загрозува транспортната индустрија.
Блокадите официјално ќе започнат денеска во 12:00 часот и ќе важат за сите возила што излегуваат од државата. За возилата што влегуваат, граничните премини ќе бидат затворени од полноќ, со цел, како што објаснуваат организаторите, сите возачи што се на враќање да можат да влезат во земјата и да се приклучат на протестот.
„Нашето клучно барање е да се најде системско решение за престојот на професионалните возачи во шенген-зоната – или нивните денови да не се евидентираат, или да им се издадат специјални визи што нема да бидат ограничени со број на денови“, изјави Билјана Муратовска, генерален секретар на асоцијацијата „Макам-транс“.
Според Муратовска, доколку новите правила почнат да се применуваат без исклучоци за возачите, регионот се соочува со сериозен економски шок. „Ова не е проблем само на Македонија, туку на целиот Западен Балкан, па и на Турција. Ќе дојде до прекин на синџирите на снабдување, што директно ќе ја погоди економијата“, предупредува таа.



























