Заштитениот резерват Јасен се наоѓа под сериозна закана поради огнената стихија која со денови не се смирува. Пожарот, кој избувна неколку километри по влезната капија кула од скопска страна, сè уште е активен.
Иако првично беше ставен под контрола и делумно изгаснат, пожарот повторно се реактивираше. Екипите секојдневно се борат на терен за да го запрат огнениот фронт. Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, истакнува дека теренските услови се исклучително тешки поради стрмен терен и мешана шума, што значително го отежнува пристапот и гасењето.
Првичните акции ги преземаа вработените на Јасен кои дејствуваа од земја, додека гасењето се спроведува и од воздух со помош на полициски хеликоптер и ер трактор. На терен се присутни и војската и специјалните единици на полицијата.
Илјадници хектари заштитена шума, стара стотици години, изгореа и во минатогодишните пожари. Резерватот Јасен е заштитено подрачје каде што не смеат да се преземаат дејствија кои би го загрозиле биодиверзитетот, што дополнително ја отежнува операцијата за гасење.