Јавните дискусии за изработка на новиот Генерален урбанистички план (ГУП) на Град Скопје 2022-2032 година не предизвикуваат очекуван интерес кај граѓаните. Раководителката на Секторот за планирање и уредување на просторот, Ивана Бајкова-Шаља, истакна дека најголем дел од присутните се интересираат само за своите парцели, додека прашања за јавните површини и уредување на улиците ретко се поставуваат.
– Граѓаните што доаѓаат се интересираат за своите имоти, а не за јавните простори. На пример, за спорниот план за градскиот кварт C3-16 во Ѓорче Петров не се појави никој, освен претставници од „Алкалоид“. Нема интерес од општината или здруженија на граѓани, што го отежнува развивањето на јавна дебата, објасни Бајкова-Шаља.
По три години од истекувањето на претходниот ГУП, градските власти започнаа нова фаза на јавни дискусии, со цел да ги вклучат граѓаните во планирањето на урбаниот простор. Сепак, според Бајкова-Шаља, малкумина поднесуваат предлози или забелешки за зеленило, осветлување или сообраќајници.
– Јас сум загрижена, бидејќи граѓаните не покажуваат свест за значењето на јавниот простор и ГУП. На социјалните мрежи реагираат за недостиг на инфраструктура, но кога се повикуваат на јавна дебата, никој не се појавува, додава таа.
Наредната недела се очекува поголем интерес кога јавната дискусија ќе се одржи за урбаните квартови во другите општини, вклучувајќи ги Карпош и Сарај, во салата на Советот на Град Скопје.