
Со новиот предлог-закон за земјоделско земјиште, државата поставува поцврсти механизми за заштита на обработливите површини, со јасна цел – да се спречи нивно неконтролирано претворање во градежни и индустриски зони. Во фокусот се најквалитетните земјишта, но и начинот на кој тие се користат, контролираат и враќаат во првобитна состојба. Законот носи построг пристап кон сите форми на пренамена и користење на нивите, при што акцентот е ставен на зачувување на земјоделскиот потенцијал како ресурс од јавен интерес.
Една од најстрогите новини се однесува на соларните електрани. Поставување фотоволтаични системи повеќе нема да биде дозволено на најквалитетното земјиште од прва до четврта категорија. Исклучок ќе има само во случаи кога станува збор за државни проекти од поширок јавен интерес. На овој начин, најплодните ниви треба да останат резервирани за производство на храна, додека инвеститорите ќе се насочуваат кон послаби категории земјиште.
Паралелно со ова, законот воведува и поширок сет ограничувања за секојдневното користење на земјоделските површини. Без согласност од сопственикот или надлежната институција, ќе се забрануваат активности како поставување привремени објекти, оградување, организирање масовни собири или движење со возила надвор од дозволените патишта. Посебен фокус се става и на заштита на посевите и младите насади, со строга забрана за нивно оштетување, како и за уништување на ознаки и обележувања на теренот.
Во делот на градбата, се прави јасна линија помеѓу она што е дозволено и она што е недозволиво. На земјоделско земјиште ќе можат да се поставуваат само објекти директно поврзани со земјоделското производство, како оранжерии, пластеници, бунари, мали сточарски објекти, складишта, простории за механизација и слични помошни конструкции. Сè што има станбена, туристичка или индустриска намена е изрично исклучено, со што се спречува трајна промена на карактерот на земјиштето.
За спроведување на новите правила се предвидува и формирање посебна Агенција за управување со земјоделско земјиште. Таа би имала улога на централен орган кој ќе ги води постапките за користење, ќе дава согласности за пренамена и ќе врши контрола на начинот на кој се користат државните ниви. Со тоа, државата практично воспоставува поцентрализиран и построг систем на надзор.
Законските решенија одат и чекор понатаму кога станува збор за враќање на земјиштето во првобитна состојба. Секоја површина што привремено се користела за други намени, како рударски активности или слични интервенции, ќе мора целосно да се рекултивира. Тоа подразбира враќање на плодниот слој и повторно оспособување за земјоделско производство, а одговорноста за тоа паѓа на корисникот на земјиштето.
Предлог-законот предвидува и значително повисоки казни за непочитување на правилата. Најстроги санкции се однесуваат токму на случаите кога земјиштето не е вратено во првобитна состојба, каде глобите за правни лица достигнуваат до 25.000 евра, а се предвидени казни и за одговорни и физички лица. Дополнително, можни се и дополнителни мерки како забрана за користење на земјиштето, задолжителна санација и исклучување од системот на субвенции.
Се заострува и казнената политика за незаконска пренамена, како и за неплаќање на законски утврдените надоместоци, при што се воведуваат повеќестепени глоби за правни, одговорни и физички лица.
















