
Повеќе од 27,5 тони УХТ млеко од Косово, наменети за продажба во македонски маркет, биле запрени на граничниот премин „Блаце“, откако лабораториските анализи покажале присуство на афлатоксин над максимално дозволените концентрации.
Станува збор за две пратки со вкупна тежина од 27.520 килограми млеко, кои биле задржани од инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство. По земањето мостри и извршените лабораториски испитувања било утврдено дека млекото не ги исполнува условите за безбедност на храната.
Пратките биле прогласени за небезбедни и не биле пуштени на македонскиот пазар. Целокупната количина од 27,5 тони, под надзор на официјален ветеринар, била нештетно уништена на депонијата „Дрисла“.
Афлатоксините се токсични материи што ги создаваат одредени видови мувла и можат да се појават во житарките и храната за животни. Преку контаминирана добиточна храна тие можат да преминат и во млекото.
Особено внимание се посветува на афлатоксинот М1, кој може да се појави во млекото и млечните производи. Долготрајната изложеност на афлатоксини се поврзува со сериозни здравствени ризици, вклучително и канцероген потенцијал.
Контаминираните пратки биле откриени во рамки на мониторинг-програмата која се спроведува при увоз на храна од животинско потекло.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство претходно вовеле и посебни безбедносни мерки за увоз на млеко и млечни производи, со засилени контроли и задолжителни лабораториски испитувања.
Благодарение на контролите на границата, небезбедното млеко било откриено пред да стигне до потрошувачите и ниту еден килограм од спорната количина не бил пуштен во продажба во Македонија.

















