
Пожарот што изминатите денови гореше на подрачјето над скопското село Бојане е ставен под контрола, но пожарникарите и понатаму остануваат на терен поради опасноста од повторно активирање на жариштата.
Во гаснењето беа вклучени екипи од Скопје и Тетово, откако огнот се прошири на непристапен терен над селото. Надлежните служби претходно оценија дека пожарот не претставува директна опасност за населените места.
Колку се сложени условите со кои се соочуваат пожарникарите покажува и секојдневната работа на тетовската противпожарна единица. Екипите во текот на денот интервенираат на голем број пријави, а во одредени денови имаат и по 13 различни жаришта на кои треба да реагираат.
Особен проблем се високите температури и сувата вегетација, поради што и пожарите кои навидум се локализирани можат повторно да се активираат. Поради тоа, контролата на пожарот не значи и целосен прекин на интервенциите.
Од надлежните служби апелираат граѓаните да бидат особено внимателни и да не палат оган на отворен простор, бидејќи во услови на суша и високи температури пламенот може брзо да се прошири и да создаде сериозен проблем за екипите на терен.

















