Во Основниот кривичен суд – Скопје денеска треба да биде изречена пресудата за монструозното двојно убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, случај што длабоко ја потресе македонската јавност.
По десет месеци судски процес, Обвинителството побара максимална казна – доживотен затвор – за главниот обвинет Љупчо Палевски, како и за Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. За таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за соучесништво, е побарана соодветна затворска казна.
Според обвинителниот акт, обвинетите заеднички испланирале киднапирање на малолетната Вања со цел да изнудат откуп од член на нејзиното семејство.
Претходно, на 22 ноември 2023 година, групата прво го киднапирала 74-годишниот Панче Жежовски во Велес, со намера да го натераат да им го предаде своето возило „Цитроен“, кое подоцна го користеле во акцијата во Скопје. Откако го совладале и го врзале, го ставиле во багажник и го одвеле до местото викано Рудник во околината на Велес, каде што го ликвидирале на свиреп начин со огнено оружје.
Пет дена подоцна, на 27 ноември, ја грабнале Вања во влезот на нејзината зграда на улицата Наум Наумовски-Борче во Скопје. Помогнати од таткото на девојчето, ја врзале и ја пренеле во близина на селото Бразда, каде што и таа била убиена на брутален начин.
Двете жртви беа пријавени како исчезнати – Панче на 24 ноември, а Вања на 27 ноември. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември 2023 година, во близина на Велес и Скопје.
Пресудата за ова брутално злосторство се очекува со големо внимание од јавноста.