Во келијата на поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, биле пронајдени три мобилни телефони, информираше денеска судијката Славица Наумовска Јосифовска на почетокот од рочиштето за предметот Онкологија 2.
Судот добил известување од КПУ Затвор Скопје дека телефоните се одземени, но Васев пред судот изјави дека тие не се негови.
„Кај мене не е пронајден и не е одземен мој телефон“, изјави тој, нагласувајќи дека во неговата ќелија имало повеќе контроли.
Васев и неговиот поранешен колега Нехат Нухи се обвинети за фиктивни тендери, злоупотреби и проневери од 2018 до 2022 година, со што, според обвинението, на државниот буџет му нанеле штета од речиси 36 милиони евра.
Обвинителството тврди дека преку незаконски набавки на лекови, фиктивни тендери и прикривање на терапија, обвинетите прибавиле значителна корист за добавувачите, додека дел од лековите биле присвојувани и не стигнувале до пациентите.
Покрај овој предмет, против Васев и дел од неговите поранешни колеги се водат уште постапки за несовесно лекување пациенти. Следното рочиште е закажано за 17 септември.