
Во Гевгелиско денеска беа пронајдени шест гранати со калибар од 75 милиметри, стари речиси еден век, останати од Солунскиот фронт на Првата светска војна. Сосема случајно, експлозивните направи биле откриени на трасата каде што се изведуваат градежни работи за гасовод, а пронаоѓањето било пријавено од внимателен граѓанин.
На местото веднаш интервенираше пиротехничарот Зоран Пеев од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) од Штип. Тој ги пренесе гранатите на безбедна локација, по што беа транспортирани на полигонот Криволак каде ќе бидат уништени според строго пропишаните безбедносни процедури.























