Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ денеска до Собранието поднесоа иницијатива за формирање Анкетна комисија со цел да се утврдат околностите во постапувањето на институциите во врска со најтешките трагедии и несреќи во земјата. На прес-конференција, пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ појасни дека целта е да се утврди одговорноста на функционерите, носителите на јавни функции и други поврзани лица, како и да се испита постапувањето на институциите за пожарот во дискотеката во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, сообраќајната несреќа на „Дурмо турс“ во Ласкарци и сообраќајната несреќа на „Беса Транс“ во Бугарија.
Стојаноски истакна дека иницијативата е потпишана од 77 пратеници и дека целта не е политизација на трагичните настани, туку обезбедување правда за засегнатите. Анкетната комисија ќе се формира врз основа на член 124, став 5 од Деловникот на Собранието, ќе брои 15 членови и нивни заменици, а ќе ја претседава пратеник од редовите на опозицијата.
Комисијата ќе изготви наоди кои ќе послужат како основа за поведување на постапки за утврдување одговорност на сите инволвирани, а секоја пратеничка група ќе може да предложи сведоци и експерти. За секој случај поединечно ќе се изготват заклучоци кои ќе се доставуваат до Владата и Јавното обвинителство.
Стојаноски нагласи дека временската рамка е уредена со Деловникот – извештајот треба да биде подготвен во рок од 30 дена, а максималната траење на комисијата е 45 дена. Тој повика и други пратенички групи да се приклучат и да придонесат кон успешна работа на комисијата.
Пратеникот додаде дека клучната разлика помеѓу нивната иницијатива и предлогот на СДСМ и Левица е почитувањето на Деловникот, воведувањето одговорност за сторени дела и проширувањето на иницијативата за сите трагедии, а не само за еден настан. Целта е вистинските виновници да бидат идентификувани и системот да се реформира за да се спречат слични настани во иднина.
Иницијативата се очекува да се најде на дневен ред на наредната пленарна седница, која според најавите ќе се одржи следната недела или на почетокот на декември.























