Потпретседателот на хрватската влада и министер за просторно планирање, градежништво и државен имот, Бранко Бачиќ, заедно со претставници на Град Загреб и експерти од Хрватскиот центар за земјотресно инженерство, одржаа состанок во врска со облакодерот „Вјесник“, кој минатата недела беше зафатен од голем пожар.
Бачиќ потврди дека облакодерот ќе биде урнат поради сериозните статички оштетувања и ризикот од уривање. „Сите инспекции укажуваат дека конструкцијата е делумно нестабилна. Пожарот ја оштети арматурата и столбовите, а временските услови дополнително го влошуваат ризикот“, рече Марио Урош од Центарот за земјотресно инженерство.
Особено е загрозен источниот дел од облакодерот, каде што бетонот почнал да пука. „Колку повеќе време поминува, толку е поголем ризикот од уривање“, додаде Урош.
Бачиќ нагласи дека експертите ќе подготват проект за безбедно рушење и ќе разгледаат компании со искуство од хрватскиот и европскиот пазар. „Веднаш започнуваме активности за отстранување на зградата. Потребно е време за подготовка, но процесот ќе се спроведе колку што е можно побрзо“, истакна тој.
Тој додаде дека зградата е осигурана и дека трошоците за отстранување ќе се разгледаат во соработка со другите сопственици, додека државата ќе се погрижи за уредување на поранешните простории на „Вјесник“ на соодветен начин.























