Антикорупцискиот суд во Еквадор во петокот донесе пресуда со која српскиот државјанин Јездимир С. и тројца Еквадорци се осудени на по десет години затвор, а судот нареди ликвидација на три компании поради учество во шема за перење пари поврзана со трговија со дрога.
Пресудата следува по обемна истрага која открила сложена структура за прикривање и легализација на капиталот стекнат преку нелегална трговија со дрога, објави Вистазо. Осудените директни сторители се: Јездимир С., Алесандра Доминго Ф. О., Вилсон Андрес М. Ф. и Карен Натали А. Х.
Обвинителството го докажа фактот дека групата користела меѓународни трансфери и купување имот за прикривање на потеклото на парите. Меѓу 2021 и 2023 година, Јездимир С. и неговата сопруга добиле повеќе од 1,3 милиони долари од Германија преку компанијата „Јездимир Фернандез С. А.“, средства кои биле инвестирани во компании, рурални имоти, тешка механизација, фарма за ракчиња, блиндирани возила и луксузни стоки.
Судот нареди ликвидација на компаниите „Vivo Pro Vobis S. A.“, „Servi Seguridad Serviseg Cía. Ltda.“ и „Bomcamarao S. A.“, бидејќи тие служеле за сокривање на нелегално стекнати средства. Дополнително, „Servi Seguridad“ овозможила на Јездимир С. пристап до оружје, радиофреквенции и лиценци користени за криминални активности.
Вкупниот износ на средствата поврзани со перењето пари и нелегалниот имот изнесува 11.193.647,20 американски долари, а судот нареди и конфискација на целиот движен и недвижен имот.
Јездимир С. е познат на еквадорската полиција уште од 2011 година. Тој беше уапсен во 2014 година во операцијата „Оро Бланко“, при која беа запленети 153 килограми кокаин, и осуден на 17 години затвор, од кои отслужи само четири. Судските одлуки за намалување и рано ослободување предизвикаа сомнежи за можна коруптивна врска со судијата.
Еквадорската полиција наведува дека Јездимир имал силни локални врски и дека неговата група продолжила да дејствува и по неговото апсење, купувајќи дрога во Перу и продавајќи ја на европски и јужноамерикански пазари. Лабораториите на неговата организација биле опремени за преработка на кокаин, а во операциите биле пронајдени хемиски перкусори, електронски ваги и друга опрема.
Јездимир се бранеше со тврдења дека никогаш не бил гонет во Србија и дека во Еквадор дошол за деловни цели преку компанијата на неговиот татко, но доказите и пресудата ја потврдија неговата вмешаност во меѓународна нарко-операција.























