
Коалицијата ВЛЕН соопшти дека со усвојувањето на измените и дополнувањата на Статутот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Собранието се отвора ново поглавје во развојот на јавниот универзитет на албански јазик.
Од ВЛЕН оценуваат дека одлуката ги зајакнува институционалните капацитети на универзитетот, ја проширува академската понуда и создава нови можности за студентите и младите кои својата иднина ја градат преку квалитетно образование.
Според соопштението, со измените Универзитетот „Мајка Тереза“ ја унапредува својата академска структура со Правен факултет, Економски факултет и Факултет за хуманистички науки, со што дополнително се зајакнува неговата улога како центар за високо образование, научноистражувачка работа и професионален развој.
ВЛЕН истакнува дека паралелно се зајакнува и меѓународната димензија на универзитетот преку усогласување на академските стандарди и издавање дипломи на албански, македонски и англиски јазик, што треба да придонесе за поголема мобилност и конкурентност на европскиот пазар на труд.
„ВЛЕН останува посветен на образованието како една од клучните столбови на националниот развој. Инвестицијата во Универзитетот „Мајка Тереза“ е инвестиција во младите, знаењето, професионализмот и иднината на Албанците во Северна Македонија“, наведуваат од коалицијата.
Оттаму додаваат дека со конкретни одлуки во изминатите 24 месеци се прават чекори кон создавање посилни, пофункционални и подобро подготвени институции за предизвиците што ги носи иднината.

















