
Коалицијата ВЛЕН обвини дека пратениците на ДУИ не ги поддржале измените и дополнувањата на Статутот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, кои денеска беа усвоени во Собранието.
Според ВЛЕН, со усвоените измени се официјализираат Правниот факултет, Економскиот факултет и Факултетот за хумани науки, се овозможува издавање дипломи и додатоци на дипломи на албански, македонски и англиски јазик, како и усогласување на функционирањето на универзитетот со важечката законска регулатива.
Од ВЛЕН оценуваат дека е скандалозно што ДУИ не дала поддршка за одлука која, како што велат, ја зајакнува институционалната позиција на Универзитетот „Мајка Тереза“ и создава подобри услови за студентите.
„Граѓаните и студентите Албанци заслужуваат да ја знаат вистината: кога дојде моментот за гласање за Универзитетот „Мајка Тереза“, ВЛЕН и парламентарното мнозинство гласаа ‘за’, додека ДУИ не ја поддржа одлуката“, наведуваат од коалицијата.
Од ВЛЕН додаваат дека разликата меѓу политичките субјекти е јасна и дека тие работат на зајакнување на албанските институции, додека другите, според нив, остануваат на реторика.

















