
Политичката партија ВЛЕН соопшти дека е потребно дополнително зајакнување на врските со албанската дијаспора во САД и со американските институции.
Ко-претседателот на ВЛЕН, Изет Меџити, за време на посетата на Њујорк присуствувал на Гала-вечерта на Советот за албанско-американски односи, каде што ја истакнал важноста од организирана дијаспора и посилна застапеност во американските институции.
Во рамки на посетата, Меџити остварил и средба со американскиот генерал Весли Кларк. Од ВЛЕН посочуваат дека средбата има посебно значење за Албанците од Скопје, со оглед на тоа што Кларк е почесен граѓанин на Општина Чаир.
Од партијата оценуваат дека албанската дијаспора во САД претставува значаен потенцијал во повеќе области, меѓу кои бизнисот, дипломатијата, професионалниот и академскиот сектор, како и јавниот живот.
Според ВЛЕН, тој потенцијал треба да се искористи за создавање посилни врски со американските институции и за поголема поддршка на Албанците во Македонија, Косово, Албанија и регионот.
Од партијата велат дека партнерството со САД не го гледаат само како дел од досегашните односи и историјата, туку и како основа за идната соработка.















