УТРО.мк

Мраз со бактерии се продавал во Радовиш: запленети 850 килограми

Мраз со бактерии се продавал во Радовиш: запленети 850 килограми
Vero

Двајца жители на Радовиш се лишени од слобода откако полицијата утврдила дека повеќе години неовластено произведувале мраз во импровизирани и нехигиенски услови, кој потоа го продавале на физички и правни лица.

СВР Струмица – ОВР Радовиш поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Радовиш против Т.Д. (62) и С.Д. (62), поради сомнение дека сториле продолжено кривично дело „производство и пуштање во промет штетни прехранбени и други продукти“.

На 16 септември 2026 година, врз основа на судска наредба, полицајци во координација со државен инспектор за храна извршиле претреси на четири локации што ги користеле пријавените.

Во нивниот дом биле пронајдени замрзнувачи со поголем број вреќички со коцки мраз, оставени за продажба по принцип на самопослужување. Во подрумските простории биле пронајдени и четири машини за производство на мраз, како и дополнителен фрижидер-замрзнувач со спакуван мраз.

Од водата која се користела како суровина, готовиот мраз и опремата биле земени примероци за лабораториска анализа.

Според резултатите од микробиолошките и хемиските анализи, водата што се користела за производство ги исполнувала пропишаните параметри, но останатите примероци не ги исполнувале бараните услови. Во мразот и на примероците од опремата било утврдено присуство на ешерихија коли и колиформни бактерии, што, според МВР, укажува на контаминација од фекално потекло и го прави производот небезбеден за употреба.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги запечатила и одзела ледомaтите и замрзнувачите, како и околу 850 килограми готов мраз.

При претресите било утврдено и дека водата за производство се доведувала преку повеќе приклучоци. Од ЈП „Плаваја“ Радовиш било констатирано дека водата што се користела во подрумските простории не се мерела преку водомер, односно била обезбедена преку нелегален приклучок на водоводната мрежа.

Во објект на пријавените, на местото викано „Гладно Поле“, во атарот на Радовиш, кој бил утврден како бесправно изграден, полицијата пронашла и воздушна пушка за која не била поседувана соодветна документација.

Двајцата биле задржани во Полициската станица Радовиш. По целосното документирање на случајот, полицијата најави и соодветни пријави во врска со бесправно изградениот објект и пронајдената воздушна пушка.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран