Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски е во дводневна работна посета на Брисел, каде денес ќе учествува на „Самитот ЕУ–Западен Балкан 2025“, организиран од тинк-тенк организацијата „Пријатели на Европа“. Утре, пак, ќе биде дел и од Министерскиот совет на Транспортната заедница. Вчеравечер Николоски присуствуваше на прием посветен на учесниците на самитот, исто така во организација на „Пријатели на Европа“.
Во објава на Фејсбук, тој нагласи дека учествува на настан посветен на проширувањето на Европската унија, при што имал „плодни средби и разговори во интерес на Македонија“.
На форумот Николоски ќе говори на првиот панел насловен „Прашања за проширување: Новата геополитичка, безбедносна и економска граница на Европа“. Во дискусијата ќе учествуваат и претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ, албанскиот премиер Еди Рама, молдавската вицепремиерка Кристина Герасимов и поранешниот еврокомесар за проширување Стефан Филе. Според најавата, панелот ќе се занимава со променетото геополитичко опкружување и растечкото значење на Западниот Балкан во контекст на европската безбедност.
Организаторите укажуваат дека, со војната во Украина, променетите приоритети на САД и засиленото кинеско влијание, прашањето за проширувањето станува поитно и покомплексно. ЕУ, велат тие, се насочува кон „геополитичко проширување“, што подразбира премин од технички кон стратешки подход. И понатаму, меѓу главните дилеми се дали Унијата ќе ја стави стабилноста пред строгите критериуми на пристапниот процес и дали регионот може да ги надмине сопствените слабости за да го искористи моментот.
Во најавата се посочува и растечкиот ангажман на надворешни актери, како Русија и Кина, врз политичките и економските процеси во регионот, што дополнително го комплицира процесот на проширување. Покрај овој панел, на настанот ќе се одржат и сесии за инвестиции, економски развој и реформи во правосудството.
Годината 2025 се потенцира како пресвртна за европското проширување, земајќи ги предвид глобалните потреси, новата администрација во САД, изборните процеси во неколку земји од регионот и актуелните политички случувања.
„Самитите ЕУ–Западен Балкан“ што ги организира „Пријатели на Европа“ претставуваат годишни платформи за размена на ставови меѓу политички лидери, експерти, бизнис-секторот и граѓанското општество.
Утре Николоски ќе присуствува на Министерскиот совет на Транспортната заедница, каде ќе реферира за транспортните политики на земјава, напредокот на клучните инфраструктурни проекти на коридорите 8, 10 и 10-д, како и за мерките за олеснување на транспортните и трговските текови во регионот. Состанокот ќе го води еврокомесарот за одржлив транспорт Апостолис Ѕиѕикостас, а ќе учествуваат министри и претставници од повеќе европски држави.
За време на посетата, Николоски ќе има и дополнителни средби со претставници на Европската комисија.



























