Поранешната пратеничка и функционерка на СДСМ, Софија Куновска, на својот профил на „Фејсбук“ објави критички статус по оставките на сите членови на раководството на партијата, кои беа поднесени на барање на партискиот лидер Венко Филипче – оставајќи го самиот Филипче на функцијата.
Во објавата, Куновска поставува прашања за тоа дали партијата „драматично тоне“ под водство на Филипче и дали тој самостојно ја водел кадровската политика, вклучувајќи ги кандидатурите за градоначалници и советници, „во консултација со Муртино“.
Таа исто така го критикува изборот на политики, тимови и фирми за кампања, како и начинот на кој, според нејзините тврдења, Филипче пишувал резолуции и предлагал коалиции „што јавно, што скриено“, без согласност на партиските органи и без координација со пратеничката група, при што „постојано се туркал во прегратките на Мицкоски“.
„Исход, сите дома, тој останува“, напиша Куновска, додавајќи дека доколку ваквата практика продолжи, партијата ќе се задолжува додека не се потроши и зградата, а членовите ќе станат средство за остварување на лични интереси на, како што ги нарекува „криминални ликови“.
Куновска заклучува дека, според нејзиното гледиште, Филипче никогаш не имал цел да ја води СДСМ кон победа, и дека „цената за овие туѓи бели дворови ќе ја платат не само СДСМ, туку и ВМРО–ДПМНЕ и сите граѓани на Македонија“.



























