Сашо Топаловски од СВР-Скопје во гостувањето во емисијата „Претрес“ појасни дека системот „Безбеден град“ предвидува исклучок за возачите кои навистина брзале кон болница, нагласувајќи дека казните во такви случаи ќе бидат повлечени по проверка.
„Ќе провериме дали некој што возел со вклучени сите четири предупредувачки светла навистина брзал да спаси живот – свој или на роднина. Ако лицето одело во болница, нема теорија да добие казна. Ова може да се провери и казната ќе биде повлечена“, изјави Топаловски.
Тој објасни дека „Безбеден град“ е дизајниран така што ниеден видео-запис не може да се избрише или измени.
„Системот е дизајниран така што никој не може да ги избрише снимките. Тие се чуваат засекогаш – колку точно, не знам, еден месец или една година. Но, не може да се случи некој прекршок да остане необработен“, додаде тој.
Сите регистрирани прекршоци ќе бидат автоматски обработени, а возачите ќе добиваат известувања преку е-пошта или СМС-порака.



























