УТРО.мк

Утре почнува пописот во Австралија: Македонската заедница повикува на масовно изјаснување

Утре почнува пописот во Австралија: Македонската заедница повикува на масовно изјаснување
Vero

Утре, 11 август, во Австралија започнува пописот на населението, а македонската заедница на петтиот континент во последните недели е максимално мобилизирана со повици до Македонците во што поголем број да го наведат своето македонско потекло, јазик и верска припадност.

Редовниот попис го спроведува Австралиското биро за статистика и се одржува на секои пет години. На пописната ноќ ќе бидат евидентирани сите лица кои се наоѓаат во Австралија, вклучително и посетители и лица со привремени визи.

Од македонските организации, црковни општини, активисти и претставници на заедницата се упатуваат апели секој што има македонско потекло јасно да го наведе тоа при пополнувањето на пописот.

Според резултатите од пописот во 2021 година, во Австралија биле евидентирани 111.352 лица со македонско потекло, додека 66.173 лица навеле дека зборуваат македонски јазик во својот дом.

Од македонската заедница, сепак, сметаат дека реалниот број на лица со македонско потекло е значително поголем, а некои проценки достигнуваат и до 300.000 лица. Токму затоа, годинашниот попис се гледа како можност бројот на официјално евидентирани Македонци да биде значително зголемен.

Австралиско-сиднејската епархија на МПЦ-ОА упати апел до Македонците правилно и јасно да се изјаснат, нагласувајќи дека пописните податоци се важни за статистичката застапеност на заедницата, зачувувањето на националниот и јазичниот идентитет, како и за идното планирање на образовни, културни и општествени програми.

Во упатствата до Македонците се посочува дека, доколку тие или нивните родители се родени во Македонија, во делот за потекло треба да се наведе „MACEDONIA“, додека како јазик во домот и потекло може да се наведе „MACEDONIAN“.

Посебен акцент е ставен и на верската припадност. Македонската православна епархија за Австралија и Нов Зеланд ги повикува верниците, во делот за религија да ја изберат опцијата „Other (Specify)“ и да внесат „MACEDONIAN ORTHODOX“.

Оваа година има и важна промена во пописот – граѓаните за првпат ќе можат да наведат до четири различни потекла, наместо досегашните две. Со тоа и лицата од мешани бракови ќе имаат можност да го наведат македонското потекло без да се откажат од другите делови од своето семејно наследство.

Македонската заедница очекува годинашниот попис да покаже колкав е реалниот број на лица со македонско потекло во Австралија, а повиците се јасни – секој Македонец да се изјасни и македонската заедница да биде што попрецизно евидентирана.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin