
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска ја одбележа 77-годишнината од своето основање со пораки за иднина во која најстарата и најголема високообразовна институција во земјата треба да оди чекор пред времето, а не зад него.
На свеченоста, ректорката Биљана Ангелова упати порака дека УКИМ треба да се трансформира во универзитет кој не само што реагира на општествените и технолошките промени, туку активно ги предвидува и ги насочува. Таа нагласи дека идниот развој мора да се темели на европски модел на управување, посилна дигитализација, интернационализација и зацврстување на академската автономија и слобода.
Според неа, 77-годишната историја на УКИМ претставува сведоштво за континуитет на знаење, труд и општествена посветеност, од кој произлегле генерации професионалци што го обликувале развојот на државата. „Од нашите амфитеатри излегле лекари, инженери, правници, уметници и научници, но и луѓе што носеле општествени промени“, истакна таа, опишувајќи го универзитетот како институција со длабоки државотворни корени.
Во своето обраќање, Ангелова се осврна и на современите предизвици со кои се соочуваат универзитетите ширум светот: од климатските и демографските промени, до геополитичките тензии и забрзаниот технолошки развој. Посебно го нагласи влијанието на вештачката интелигенција, која, како што рече, веќе го менува начинот на живеење, учење и работа.
Таа укажа и на новите дилеми во образованието, како разликувањето на веродостојни информации од дезинформации, развојот на критичко мислење и подготовката на студентите за професии кои допрва ќе се појават. Во таа насока, подвлече дека УКИМ треба да се препознае по културата на дијалог, хуманистичките вредности и подготвеноста да биде двигател на промени.
Ангелова информираше дека универзитетот веќе направил значајни чекори во дигиталната трансформација, со воспоставен систем на електронски услуги за студентите и подготвеност за воведување електронски индекс. Дополнително, нагласи дека бројот на меѓународни проекти е тројно зголемен во последните две години, а УКИМ се приклучил и кон алијансата „ACROSS“, која добила статус на Европска универзитетска алијанса поддржана од Европската комисија.
Свеченоста ја проследи и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која истакна дека УКИМ со децении претставува клучен столб во развојот на државата преку кадрите што ги создава. Таа посочи дека генерации дипломци од универзитетот: лекари, инженери, правници и научници, оставиле траен белег во општествениот и институционалниот развој.
Јаневска изрази благодарност за досегашната соработка со академската заедница, нагласувајќи дека професорите од УКИМ имаат значајна улога во тековните реформски процеси и подготовката на новите законски решенија во образованието, со надеж дека партнерството ќе продолжи и во иднина.
Одбележувањето на јубилејот започна со положување свежо цвеќе пред споменикот на светите браќа Кирил и Методиј во дворот на факултетите, во знак на почит кон нивното духовно и културно наследство.















