УТРО.мк

Нов бран истраги во Европа: Италија, Германија и Белгија отвораат случаи за контроверзното „снајперско сафари“ во Сараево

Нов бран истраги во Европа: Италија, Германија и Белгија отвораат случаи за контроверзното „снајперско сафари“ во Сараево
Vero

Обвинителствата во Италија, Германија и сега и во Белгија отвораат сè поширока истрага околу наводите за таканаречениот „сафари-снајперизам“ во Сараево за време на војната во Босна и Херцеговина во 1990-тите.

Белгиското федерално обвинителство потврди дека е покрената постапка за проверка на можни учества на белгиски државјани во овој случај, кој во медиумите е познат како „Сараево сафари“. Од институцијата засега не откриваат повеќе детали, наведувајќи дека истрагата е во рана фаза и се базира на информации што првично се појавиле во новинарски истражувања.

Италијанските обвинители во Милано први покренаа формална постапка по тврдењата дека странски државјани, наводно, патувале во опколениот град и плаќале големи суми пари за да пукаат кон цивили. По нив, истрагата се прошири и во Германија, каде што се проверуваат два конкретни случаи: на еден германски и еден австриски државјанин. Сега, со вклучувањето на белгиското обвинителство, случајот добива поширок европски правосуден контекст.

Целата приказна повторно ја актуелизираше италијанскиот новинар и автор Ецио Гавацени, кој во своите истражувања тврди дека во опколениот град можеби учествувале и лица од повеќе западноевропски земји, меѓу кои Белгија, Франција, Германија и Италија. Според неговите наводи, некои од учесниците наводно плаќале и над 100.000 евра за да учествуваат во вакви злосторства.

Во периодот од 5 април 1992 до февруари 1996 година, Сараево беше под долготрајна опсада за време на војната во Босна и Херцеговина. Во тој период градот беше изложен на постојано гранатирање и снајперски оган од околните позиции, а животот на цивилното население се одвиваше под екстремни безбедносни услови.

Според податоците од повоените истражувања, во опсадата загинале 11.541 лица, меѓу кои и 1.601 дете, додека околу 350.000 жители биле изложени на секојдневна опасност. Анализите укажуваат дека најголем дел од жртвите биле во првите две години од конфликтот, кога интензитетот на нападите бил највисок.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран