
Во петрохемискиот комплекс на унгарската нафтено-гасна групација МОЛ во Тишаујварош, во источна Унгарија, се случи тешка несреќа за време на рестартирање на една од производствените единици, при што животот го загуби едно лице, а неколку други се сериозно повредени.
Инцидентот избувнал во моментот кога повторно се активирала постројката „Олефин 1“, дел од поголемиот индустриски систем на комплексот. Според првичните информации, дошло до експлозија на компресор во текот на технолошкиот процес, по што избувнал пожар кој брзо се проширил во дел од објектот.
Противпожарните екипи реагирале веднаш и успеале да го локализираат огнот, но интервенцијата и понатаму продолжувала во текот на денот. Од компанијата МОЛ соопштија дека ситуацијата е под контрола, но истрагата за причините сè уште трае и засега нема конечни заклучоци.
На терен пристигнале и високи претставници од унгарската влада и раководството на компанијата, меѓу кои министерот за економија Иштван Капитани и извршниот директор на МОЛ, Жолт Хернади. Премиерот Петер Маѓар објави дека е во контакт со надлежните служби и сподели снимки на кои се гледа густ црн чад што се издига над индустрискиот комплекс.
„Олефин 1“ е клучна единица во рамки на петрохемиското производство во Тишаујварош и служи за добивање основна суровина за пластична индустрија. Нејзиниот капацитет изнесува околу 370.000 тони годишно, додека вкупното производство на етилен во целиот комплекс достигнува околу 660.000 тони.
Голем дел од произведениот етилен МОЛ го користи во сопствениот производствен ланец за изработка на полиетиленска пластика, која потоа завршува во индустриите за пакување и други преработувачки сектори.
Истрагата за експлозијата продолжува, а компанијата најавува дека ќе ги објави новите информации штом ќе бидат потврдени околностите на несреќата.















