
Апликацијата „МојДДВ“ утре ќе биде привремено недостапна за граѓаните поради планирана техничка надградба, соопшти Управата за јавни приходи (УЈП).
Прекинот ќе започне утре, 23 јуни 2026 година (вторник), точно во 12:00 часот. Од УЈП појаснуваат дека недостапноста се должи на миграција на системот на нова, ИТ инфраструктура, која треба да обезбеди поголема сигурност и подобра достапност на услугата во иднина.
Апликацијата за скенирање фискални сметки ќе биде повторно ставена во функција веднаш штом ќе завршат техничките активности на терен.
Од Управата апелираат до граѓаните за трпение додека трае процесот на модернизација на системот.

















