
На територијата на државата до 16:00 часот биле регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор, од кои два сè уште се активни, информираше попладнево Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според информациите од ЦУК, активен е пожарот меѓу селата Грчец и Шишево во Општина Сарај, каде што гори ниска вегетација и мешана шума. Вториот активен пожар е во близина на селото Калаузлија во Општина Радовиш.
Надлежните служби се на терен и работат на локализирање и гаснење на огнените стихии.
Останатите осум пожари што биле регистрирани во текот на денот се целосно изгаснати. Од ЦУК апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да избегнуваат активности кои можат да предизвикаат пожари, особено во услови на високи температури и суво време.

















