
Управата за јавни приходи (УЈП) предупредува дека граѓаните добиваат лажни SMS пораки испратени во име на институцијата, преку кои може да се прави обид за злоупотреба на лични и финансиски податоци.
Во пораките се наведува дека „статутот“ на сметката за социјално осигурување е „абнормален“, по што граѓаните се повикуваат итно да го „решат проблемот“. Во SMS пораката е содржан и линк кој води до страница со која може да се бара внесување на чувствителни податоци.
Од УЈП апелираат граѓаните да не го отвораат линкот и да не внесуваат лични, банкарски или други податоци доколку ја добијат ваквата порака.
„Станува збор за порака која може да биде обид за измама и злоупотреба на лични и финансиски податоци“, предупредуваат од Управата.
Од институцијата посочуваат дека сите информации поврзани со УЈП треба да се проверуваат исклучиво преку официјалните канали, односно веб-страницата на Управата, официјалните електронски услуги и објавените контакт-адреси и телефонски броеви.
За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на:
Е-пошта: [email protected]
Инфо центар: 0800 33 000 (само од фиксни оператори)
Телефон: 02 3253 200
УЈП дополнително апелира граѓаните да не кликаат на линкови од сомнителни SMS пораки и да не споделуваат податоци од личните или банкарските сметки.
Од Управата ги повикуваат граѓаните да го споделат предупредувањето со своите блиски за да се спречат можни злоупотреби.























