УТРО.мк

Штит, шлем, меч и злато: Ново сензационално откритие на древната некропола кај Струга

Штит, шлем, меч и злато: Ново сензационално откритие на древната некропола кај Струга
Vero

Ново исклучително археолошко откритие кај струшкото село Корошишта фрла дополнително светло врз животот и општествената структура на заедниците кои живееле во Охридско-струшкиот регион во VI век пред нашата ера.

На архајската некропола Расница археолозите откриле богато војничко погребување со комплетна воена опрема, меѓу која штит, шлем, копја и меч, како и вредни предмети изработени од злато, бронза и килибар.

Од Националниот археолошки музеј велат дека откритието дополнително го потврдува карактерот на локалитетот како значајна архајска некропола и отвора можност за нови сознанија за погребните обичаи, воената организација и општествената структура на тогашните заедници.

Расница привлече големо внимание во 2024 година, кога археолозите открија монументална гробна целина со исклучително богат материјал. Меѓу тогашните наоди биле бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златен надградник, златни прстени и фолии, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и кантарос, како и повеќе бронзени садови.

Најновото војничко погребување, според музејот, овозможува попрецизно да се согледаат статусот, идентитетот и улогата на луѓето кои биле погребувани на овој простор.

Археолошките истражувања на локалитетот ги предводи д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во Националниот археолошки музеј.

На денешната презентација на резултатите од истражувањата ќе присуствуваат и директорката на Националниот археолошки музеј Магдалена Манаскова и директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева.

Архајскиот период опфаќа приближно од VIII до почетокот на V век пред нашата ера. Тоа е време на интензивен развој на градовите-држави, трговијата и културните контакти низ поширокиот медитерански простор.

Откритијата на Расница затоа имаат особено значење за проучувањето на заедниците кои во тој период живееле во Охридско-струшкиот регион и нивните контакти со поширокиот културен простор.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран