УТРО.мк

Финскиот претседател: Колку повеќе Русија се заканува, толку посилно ќе ја поддржуваме Украина

Финскиот претседател: Колку повеќе Русија се заканува, толку посилно ќе ја поддржуваме Украина
Vero

Финскиот претседател Александар Стуб оцени дека Украина денес ја има една од најмодерните, најефикасните и најискусните армии во Европа, а континуираната руска војна и хибридните операции против европските земји мора да резултираат со уште посилна поддршка за Киев.

Говорејќи на Безбедносниот форум во Хелсинки, Стуб порача дека зголемениот притисок од Москва не треба да ја заплаши Европа, туку напротив, да ја натера уште посилно да ја поддржи Украина.

Според него, сајбер-нападите, саботажите и информативните операции што се случуваат низ Европа не треба да се третираат како изолирани инциденти, туку како дел од поширока руска хибридна кампања чија цел е дестабилизација и намалување на европската поддршка за Украина.

„Колку повеќе се обидувате да нè заплашите и колку повеќе ни се заканувате, толку посилно на крајот ќе ја поддржуваме Украина“, порача Стуб.

Финскиот претседател оцени дека границата меѓу војна и мир во Европа станува сè понејасна. Во Украина, според него, Русија води класична воена операција, додека против европските земји спроведува хибридна војна преку сајбер-напади, саботажи и дезинформации.

Стуб предупреди и дека Европа не треба да ја потценува руската воена сила по завршувањето на војната.

„Руската армија не беше способна за современо војување кога започна оваа војна, но сега е. Затоа ќе биде и многу посилна кога ќе се прегрупира по војната“, рече тој.

Тој оцени дека руската инвазија веќе предизвикала последици спротивни на дел од стратешките цели на Москва. Како пример ги посочи Финска и Шведска, кои се приклучија кон НАТО по руската инвазија, како и значителното зголемување на европските издатоци за одбрана.

„Целта беше да се спречи проширувањето на НАТО. Финска и Шведска никогаш немаше да се приклучат доколку не дојдеше до целосниот напад“, истакна Стуб.

Финска стана членка на НАТО во 2023 година, а Шведска во 2024 година.

Стуб нагласи дека и покрај идните безбедносни предизвици, во одреден момент ќе биде неопходен и дијалог со Москва. Сепак, според него, идните односи ќе зависат од тоа каква Русија ќе излезе од војната, бидејќи довербата меѓу Москва и Европа е сериозно нарушена.

Во новата европска безбедносна архитектура, според Стуб, Украина ќе има особено значајна улога.

„Пред сè, Украина ја има најмодерната, најефикасната и најискусната армија“, порача финскиот претседател, додавајќи дека тоа ќе ја промени безбедносната слика на Европа.

На форумот преку видео-врска се обрати и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој предупреди дека целите на Владимир Путин не се ограничени само на Донбас.

Зеленски оцени дека Москва сака контрола врз цела Украина и повторно воспоставување на руското влијание врз земјите од регионот.

„Неговата цел не е источна Украина. Неговата цел не е Донбас. Неговата цел е окупација на целата наша земја“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател предупреди дека руските амбиции може да претставуваат закана и за балтичките држави и другите земји што се граничат со Русија. Тој истовремено ги отфрли повиците за неутрален став во конфликтот меѓу Москва и Киев, оценувајќи дека не може да има изедначување меѓу окупаторот и жртвата.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран