
Во Кочани утрово започна акција што значително ќе го промени изгледот и функционалноста на Трговскиот центар. Угостителите лоцирани на катот во блок А сами ги демонтираат терасите кои со години се протегаа на јавната површина пред нивните локали, оставајќи зад себе расчистен простор каде некогаш имаше маси, столици и импровизирани прегради.
Овој чекор доаѓа како резултат на договор постигнат пред два месеца меѓу градоначалникот Владко Грозданов и сопствениците на угостителските објекти, со кој јасно се дефинираше обврската за отстранување на сите времени конструкции што се водат како бесправни. Трошоците за демонтажа паѓаат директно на товар на самите угостители.
Со исчезнувањето на терасите, се очекува конечно да се ослободи просторот кој досега беше тесен и нефункционален за пешаците. Наместо движење низ импровизиран „коридор“ широк едвај метар и половина, граѓаните ќе добијат слободен и безбеден пристап пред локалите.
Мерката, сепак, носи и краткорочни последици за бизнисите. Дел од сопствениците веќе најавија привремено затворање, повикувајќи се на безбедносни причини за време на интервенциите, додека други се прилагодуваат на новите услови, продолжуваат со работа во затворен простор и се ориентираат кон достава и нарачки.
Од општината потенцираат дека ова не значи целосна забрана за користење на јавен простор. Напротив, угостителите ќе имаат можност повторно да аплицираат, но под строго дефинирани правила: дозволени ќе бидат само лесни, подвижни елементи како тенди и чадори, без оградување, со задолжително отворени страни за непречено движење.
Веќе се видливи првите резултати и на приземјето, каде кафулињата ги отстранија застаклените проширувања што излегуваа надвор од дозволеното, оставајќи ги само тендите како единствена заштита.























