
Адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ реагира на начинот на кој се толкува и презентира одлуката на Уставниот суд, оценувајќи дека во правна држава судските одлуки мора да се спроведуваат и почитуваат.
„Во правна држава судските одлуки мораат и треба да се спроведуваат и почитуваат. Тоа е основа на правната сигурност доколку законите и воспоставената судска пракса важат подеднакво за сите“, наведува Туфегџиќ.
Тој смета дека со образложението на одлуката на Уставниот суд се создава амбиент на вина и осуда кон еден судија, што, според него, е спротивно на праксата на Европскиот суд за човекови права.
„Не знам која била целта и што се сакало да се постигне со ваквото соопштение и образложението на одлуката на Уставниот суд, веројатно да се даде значење на нивните одлуки или нешто слично, но факт е дека е тоа направено во основа лошо“, пишува Туфегџиќ.
Според него, наместо да се бара кривична одговорност од судија, Уставниот суд требало да укаже на потребата судовите и Академијата за судии и јавни обвинители да спроведат обука и едукација за правилна примена на одлуките на Уставниот суд и за воспоставување воедначена судска практика.
Туфегџиќ се осврнува и на прашањето за почитувањето на одлуките на највисоките судски инстанци. Тој смета дека со долгогодишната практика во која одлуките на Врховниот суд не се сметаат за задолжителни за пониските судови е создаден амбиент на различни толкувања на исти правни прашања.
„Со ваквиот пристап се создаде амбиент дека за исто правно прашање за кое Врховниот суд веќе одлучувал, секој во склад со актуелната политичка клима и амбиент има различен пристап и толкување“, наведува тој.
Како пример ја посочува одлуката поврзана со обвиненијата на СЈО по истекот на рокот од 18 месеци, за која, како што вели, „никој не ја есапеше одлуката на Врховен и никој не понесе одговорност“.
Во завршницата Туфегџиќ апелира институциите да воспостават владеење на правото кое ќе важи еднакво за сите.
„Доколку тоа не се случи, нас ни останува да си помуабетиме на ФБ сами со себе и да се надеваме дека ќе дојдат подобри и рамноправни времиња“, заклучува Туфегџиќ.


















