Авто-школите ја зголемија цената на обуките за возачи за 35% односно од 24.500 на 33.000 денари, а новата цена важи од 1 ноември. Во обуката се вклучени 20 часови теоретска настава (4.500 денари) и 36 часови практична настава (28.500 денари).
Идните возачи дополнително плаќаат 250 денари по час за 3 посети на полигон, по 1.500 денари за користење на возилото за полагање на практичниот испит, додатен час за возење 1.000 денари и лекарско уверение од 1.200 денари. Слични се цените и за останатите категории: А – 24.000, БЕ – 15.000, Ц – 32.000, ЦЕ – 25.000, Д – 40.000 денари.
Сопствениците на авто-школите објаснуваат дека цените не се менувале повеќе од десет години, но растот на трошоците за гориво, одржување на возила и техничка опрема, како и новите стандарди во обуката, ги принудиле на поскапување.
Младите кои се подготвуваат за возачка дозвола се жалат дека новите цени се голем удар врз семејниот буџет, но признаваат дека трошокот е неопходен за работа во компании каде што се бара возачка дозвола.























