Царинската управа открила измама при увоз на инвертори за соларни колектори во вредност од 1,5 милиони денари. Лиценцирани шпедитери, иако добиле фактури за увоз на инвертори, пријавувале друга категорија стоки со пониска царинска стапка, па наместо 15%, плаќале само 10% царина.
Неправилностите излегле на виделина по спроведени пост-контроли и проверки на сметководствената и комерцијалната документација, при што се обезбедени докази за кривично дело царинска измама, казниво според Кривичниот законик.
Само во јули, по контролите на потеклото и вредноста на увезената стока, Царинската управа наплатила три милиони денари по основ на избегнати давачки. Од управата најавуваат дека ќе продолжат со активности за заштита на финансиските интереси на државата и за обезбедување фер конкурентност на пазарот.