
Македонија влегува во нов бран на екстремно топло време, откако Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најави дека во текот на продолжениот викенд и до крајот на следната недела земјата ќе биде под влијание на топла воздушна маса која пристигнува од југ.
Според прогнозата, времето ќе биде претежно сончево со мала до умерена локална облачност, а температурите значително ќе се зголемат. Дневните максимални температури насекаде во земјата ќе бидат над 32 Целзиусови степени, додека во најтоплите региони живата во термометарот ќе надмине и 40 степени.
Метеоролозите предупредуваат дека високите температури нема значително да се намалуваат ниту во ноќните часови, што ќе придонесе за подолготраен период на жешко време и зголемен топлотен стрес.
Надлежните препорачуваат граѓаните да избегнуваат престој на отворено во најтоплиот дел од денот, да внесуваат доволно течности и да обрнат посебно внимание на децата, постарите лица и хронично болните, кои се најранливи за време на вакви екстремни временски услови.

















