
Под влијание на стабилна и топла воздушна маса, Македонија денеска ќе ужива во претежно сончево време, проследено со мала до умерена облачност и пријатно високи температури. Утрината ќе започне свежо, но веќе во текот на денот термометрите ќе се искачат до летни вредности од 24 до дури 32 степени.
Сепак, мирното време нема целосно да се задржи до крајот на денот. Во попладневните часови на одделни места се можни краткотрајни, но интензивни атмосферски процеси: пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено во планинските и северните предели. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, кој локално повремено ќе засилува.
Во главниот град нè очекува слична временска слика. Скопје ќе биде обвиено со сонце и умерена облачност, а северниот ветер повремено ќе носи освежување во текот на денот. Температурата наутро ќе се спушти до 15 степени, додека дневниот максимум ќе достигне околу 31 степен.
Од Управата за хидрометеоролошки работи предупредуваат дека следува период на нестабилно време, особено во попладневните часови. До крајот на седмицата претпладнињата ќе бидат релативно мирни и сончеви, но во вториот дел од денот атмосферата ќе станува сè понестабилна, со услови за локални врнежи, грмежи и силни налети на ветер.
Најкритичен ден се очекува да биде четврток, кога нестабилноста ќе зафати поголем дел од земјата. Метеоролозите најавуваат поројни врнежи, чести електрични празнења и ветер што на моменти може да надмине 60 километри на час. На одделни локации постои опасност и од појава на невреме проследено со град и пообилен дожд.















