
Премиерот Христијан Мицкоски испрати остра порака до дел од обвинителството, нагласувајќи дека институциите мора да работат побрзо и поефикасно, а правдата да стигне до сите кои, како што рече, се сметаат за недопирливи.
Од Охрид, за време на свечената академија „Од слово до вечност“ во црквата „Света Софија“, по повод Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, премиерот се осврна на незадоволството кај граѓаните од, како што оцени, бавната испорака на правда.
Тој порача дека разбира дел од реакциите на јавноста и дека очекува поангажирана работа од институциите.
„Го разбирам незадоволството и негодувањето кај луѓето кои сè повеќе губат трпение. И јас не сум до крај задоволен и сметам дека може многу подобро и со побрзи резултати“, истакна Мицкоски.
Во своето обраќање, премиерот упати критики и до дел од обвинителството, посочувајќи дека не смее да има одложувања и предмети кои, како што рече, „стојат во фиоки“.
„Трпението е при крај. Правдата ќе ги стигне сите“, порача Мицкоски, додавајќи дека нема да се откаже од намерата за воспоставување ред, правда и владеење на законите.
Тој нагласи и дека ќе продолжи со, како што рече, притисок врз институциите за поефикасно постапување и справување со корупцијата.















