
Пијана возачка предизвикала сообраќајна несреќа во близина на Пула, Хрватска, откако со автомобилот излетала од патот и удрила директно во семејна куќа.
Во инцидентот, за среќа, нема повредени лица, но е причинета значителна материјална штета.
Според хрватските медиуми, возачката поради пребрзо возење изгубила контрола над возилото, удрила на работ на патот и завршила во домот на 71-годишен жител.
Сопствениците на куќата за медиумите опишале дека доживеале вистински шок кога автомобилот се појавил речиси под нивниот прозорец во текот на ноќта.
„Бевме во куќата кога слушнавме силен удар. Кога излеговме надвор, не можевме да поверуваме што гледаме“, изјавиле тие, додавајќи дека возачката по несреќата била во свесна состојба и се пожалела на повреда на раката.
Полицијата утврдила дека станува збор за 29-годишна жена кај која биле измерени 1,43 промили алкохол во крвта.
Против неа ќе биде поднесена прекршочна пријава, а на лице место е санкционирана за сторените сообраќајни прекршоци, потврдуваат локалните власти.















