УТРО.мк

Тетово–Скопје прескапо за работниците: 6.500 денари месечно само за пат до работа

Тетово–Скопје прескапо за работниците: 6.500 денари месечно само за пат до работа
Vero

Поскапувањето на меѓуградскиот превоз повторно го отвора прашањето колку чини секојдневното патување до работното место, особено за граѓаните кои живеат надвор од Скопје.

На релацијата Тетово–Скопје, месечниот билет од 1 септември е поскапен од 5.500 на 6.500 денари. За работник со месечна плата од 26.000 денари, тоа значи дека една четвртина од приходот се издвојува само за превоз.

На годишно ниво, трошокот за патување достигнува 78.000 денари, без да се пресметаат други трошоци поврзани со секојдневното одење на работа.

Граѓани и работници преку отворено писмо до институциите бараат да се преиспита начинот на кој се формираат цените на меѓуградскиот превоз и да се утврди дали зголемувањата се оправдани.

Проблемот не е ограничен само на Тетово. За релацијата Куманово–Скопје месечниот билет чини 6.000 денари, додека за Гостивар–Скопје достигнува 8.000 денари. Тоа значи годишен трошок од 96.000 денари за работник кој секојдневно патува до работа.

Во отвореното писмо се поставува и прашањето зошто постојат големи разлики во цените на различни релации со слична километража.

Како пример се наведуваат Скопје–Катланово и Тетово–Скопје. За околу 35 километри на релацијата Скопје–Катланово месечниот билет изнесува 1.600 денари, додека за околу 40 километри меѓу Тетово и Скопје се плаќаат 6.500 денари.

Разликата изнесува 4.900 денари месечно, односно 58.800 денари годишно.

Авторите на писмото сметаат дека една од причините е недостатокот на јавна алтернатива. Додека на релацијата Скопје–Катланово постои јавен градски превоз, патниците од Тетово кон Скопје во голема мера зависат од приватниот меѓуградски превоз.

Оттука, тие бараат од надлежните институции да објаснат врз кои економски параметри се формираат цените, дали последните поскапувања соодветствуваат со реалниот раст на трошоците на превозниците и која институција ја контролира нивната оправданост и законитост.

Во иницијативата се отвора и прашањето за надоместокот на патните трошоци за работниците кои живеат во еден град, а работат во друг.

Како пример се посочуваат пратениците кои живеат надвор од Скопје. Според податоци на Радио Слободна Европа цитирани во писмото, во периодот од 28 мај 2024 до 30 јуни 2025 година, на 65 пратеници им биле исплатени 18,6 милиони денари за гориво и патарини.

Авторите нагласуваат дека примерот не го наведуваат како критика кон пратениците, туку како прашање дали и обичните работници имаат систем кој реално ги покрива трошоците за патување до работното место.

Според нив, високите цени на превозот имаат и пошироки последици, бидејќи можат да ги натераат граѓаните да се преселат во градот каде што работат или студираат.

„Кога секојдневното патување станува прескапо, граѓаните се доведуваат пред избор: да плаќаат илјадници денари секој месец или да се преселат таму каде што работат или студираат“, се наведува во писмото.

Од институциите се бара да го преиспитаат последното зголемување на цените, да ги објават критериумите според кои се утврдуваат цените на билетите и да проверат дали се почитувани законските обврски.

Се бара и да се испита конкуренцијата на најфреквентните линии, како и да се обезбеди функционален и достапен јавен меѓуградски превоз, вклучително и можност за субвенционирани и семејни билети.

Дополнително, авторите бараат системот за надомест на патните трошоци да се усогласи со реалните трошоци што ги имаат работниците кои секојдневно патуваат надвор од местото на живеење.

„Не бараме однапред да застанете на страната на патниците. Бараме да го поставите прашањето“, се наведува во апелот до институциите и медиумите.

Главното прашање, според иницијаторите, е дали граѓаните треба да бидат принудени да се преселат во Скопје само затоа што трошоците за секојдневното патување станале превисоки.

„Не сакаме да се селиме. Сакаме да можеме да работиме и студираме“, порачуваат тие.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin